Колективниот договор помеѓу МТСП и СОНК обезбедува повисоки плати, регрес и повеќе права за вработените во градинките
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, го потпишаа новиот Колeктивен договор кој предвидува зголемување на платите на давателите на услуги во јавните установи за деца за 15% и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата.
Ова е една од најактуелните новитети во новиот колективен договор, а со него се надминува и проблемот со работното време на воспитувачите и негователите за реализирање на другите програмски активности во други просторни услови во установата или надвор од неа.
Се обезбедува регрес за годишен одмор, четири часовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се воведуваат јубилејни награди за работа во градинката.
Новиот колективен договор предвидува учество на синдикален претставник во повеќе комисии во установата формирана од страна на директорот, се воспоставува право на приправникот приправничкиот испит да го полага по втор пат и се зголемуваат роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.
Детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот и се зголемуваат обврските на работодавачот во делот за безбедност и здравје при работа, надминување и трајно решавање на проблемот на помошно техничките лица во делот на платите и нивен континуиран раст со зголемувањето на минималната плата.
Предвидува и зголемување на додатоците и надоместоците на плата и се зголемуваат правата на работниците за време на штрајк.
На креирањето на новиот Колективен договор работеше работна група во состав на претставници на Министерството и СОНК.
Потписниците на договорот, министерката Тренчевска и претседателот на СОНК, Неделков, изразија уверување дека новиот колективниот договор претставува унапредување на правата на давателите на услуги во детските градинки.