Власта и одговори на опозицијата!
Стигна одговорот од ВМРО-ДПМНЕ до опозицијата.
Синоќа на редовна седница на Извршниот комитет владеачката партија повика СДСМ да се врати во парламентот, а нема да има парламентарни избори заедно со локалните како што бараше опозицијата.
“ВМРО-ДПМНЕ, како и во целото свое делување до сега, се залага за одржување на редовни, фер и демократски локални избори, во согласност со меѓународните стандарди и вградените препораки на ОБСЕ и ОДИХР, а со целосно прочистен избирачки список согласно меѓународните норми и правила. Воедно, ВМРО-ДПМНЕ, со цел потврда на своите принципиелни позиции, инсистира на засилен меѓународен мониторинг на овие избори. Оттука, во овој контекст ја поздравуваме и изјавата на американската амбасада, но и на останатите меѓународни фактори за најавен мониторинг од нивна страна на овие локални избори. “ стои меѓу другото во писменото обраќање на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владеачката партија додаваат дека немањето потреба за предвремени парламентарни избори доаѓа од фактот што во Република Македонија пред една и половина година се одржалр предвремени избори по барање на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ ја повикува СДСМ и нивните коалициони партнери да се вратат со свое учество во институционалните рамки на делување и низ дијалог во Собранието на Република Македонија, заеднички да се бараат решенија за сите предизвици на нашата држава и политички амбиент. Само низ институционален дијалог во Собранието, се подвлекува во соопштението, ќе можеме да придонесеме заеднички кон градење на доверба и подобри општествени и социјални услови и параметри за нашите граѓани. Тоа е нашата одговорност. Само со дијалог и дискусија за сите предизвици и отворени прашања и градење на конструктивна политичка клима, со цврсти и принципиелни позиции за зедничките ставови по важни и стратешки прашања, ќе се создадат поволни моменти во нашиот евроатлански интегративен процес, што е стратешки приоритет на нашата држава.
“ Ние и понатаму ќе продолжиме да работиме на програмата која ја имаме ветено пред граѓаните на последните избори и за која тие гласаа, и понатаму ќе останеме фокусирани на подобрување на економската состојба на државата, справување со ефектите од европската должничка криза, реформи во клучните сфери, поддршка на здравството, образованието, земјоделието, пензионерите, социјалните случаи, невработените, привлекување на странски инвестиции, како и со реформи за приближување на нашата држава кон НАТО и ЕУ“ , пишува ВМРО-ДПМНЕ .