АИ: Влошени меѓуетничките односи во Македонија!
Односите меѓу македонското и албанското население се влошени. Ова, меѓу другото, за Македонија, се наведува во најновиот извештај на Амнести Интернешнал за состојбата на човековите права во минатата година. Во извештајот детално се набројуваат кршењата на човековите права и злоупотреби во 159 земји во светот.
Во делот за Македонија во Извештајот на Амнести Интернешнал се констатира дека Европската комисија во октомври лани повторно препорача дека треба да започнат преговори за пристап во ЕУ, но оти тие биле одложени од Европскиот совет делумно и поради продолжувањето на спорот со Грција околу името на земјата, јави Радио Слободна Европа.
Исто така се додава дека односите меѓу македонците и етничките албанци се влошиле. Притоа се спомнуваат февруарското убиство на двајца албанци од страна на македонски полицаец кој не бил на служба и неколкуте етничко мотивирани напади во Тетово и Скопје во текот на март.
Амнести интернешнал потсетува и на апсењето на, како што наведува, 20 албанци по убивањето на петмина македонци во близина на Скопје. Петмина од нив се обвинети за убиство и тероризам. Илјадници албанци протестираа против апсењето и против оценката на органите дека тие биле терористи.
Што се однесува до слободата на изразување се наведува дека предлог законот за декриминализација на клеветата бил договорен со Здружението на новинарите, но оти други новинари и медиумски работници ги критикувале предложените нови казни со страхување дека ќе предизвикаат самоцензура кај медиумите.
Извор: Радио Слободна Европа