Архитектите организираат „петочно корзо“ во Жена парк до ГТЦ!
Паркот е составен дел од Градскиот трговски центар и е погоден за едно „петочно корзо“ кое ќе го организира Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Ќе се случи утревечер, со почеток во 20 часот, како дел од акцијата „Го сакам ГТЦ“, пренесува Плусинфо.мк.
Во 3 кутии граѓаните ќе можат анонимно да одговорат на прашањето „Зошто го сакам ГТЦ?“, да пратат пораки, препораки и идеи за ГТЦ до управата на ГТЦ и да пратат пораки до архитектите на новата фасада.
Во 21 часот пораките ќе се читаат во придружба на музика и филмови. Во меѓувреме, потпишувањето на петицијата ќе продолжи секој ден покрај западниот влез на ГТЦ од 10 наутро до 8 попладне. Од ААМ велат дека мора да се истрае во борбата и дека во иднина ќе следат вакви настани. ААМ ќе распише и конкурс за креативни филмови поврзани со ГТЦ, а се бараат и историски податоци за значењето на овој објект.
– Трагаме по исчезнатиот документарец за изградбата на ГТЦ. Негде тој постои – вели Даница Павловска, претседател на ААМ.