Медиумската заедница не прифаќа компромис за законот за медиуми!
Медиумската заедница нема да прифати ваков предлог закон за медиуми, доколку не се вметнат препораките на Советот на Европа и ОБСЕ, пренесе А1.он.
Министерството за информатичко општество ги игнорира препораките на експертите, кои инсистираат да нема единствен регулаторен систем за сите медиуми, но заедницата е незадоволна што не прифатило ниту една суштинска забелешка за законот.
ЗНМ, ССНМ, МИМ и Центарот за развој на медиуми писмено ги информираа министрите Ивановски и Бесими дека нема да поддржат законот, бидејќи во клучните елементи за составот, независноста и транспарентноста на регулаторот, како за прашањето за независноста на државната МТВ не се направени никакви измени според нивните забелешки.
Како што се наведува во нивното обраќање до министрите Ивановски и Бесими, загрижува и фактот што во новиот закон, МИОА не нуди решение за владините кампањи, кои го нарушуваат медиумскиот пазар, и ѝ обезбедуваат на власта можност да влијае на уредувачката политика на медиумите.