Денеска почна долгото и жешко лето!
Денеска, 21 јуни, во 7 часот и 4 минути, на 171-виот ден во годината, на северната полутопка и во Република Македонија почнува летото.
Поради поставеноста на Земјата кон Сонцето, на северната полутопка, денеска, петок, ќе биде најдолгиот ден во годината (летен солстициум), а на јужната полутопка ќе биде најкраткиот ден.
Сонцето во Скопје ќе изгрее во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути. Денот ќе трае цели 15 часа и 14 минути, а ноќта само 8 часа и 46 минути.
Веќе од саботата (22.06), деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум (зимска краткоденица) на 21 декември 2013 година.
Поради елипсоидната форма на Земјата, должината на најдолгиот ден и најкратката ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 15 часа и 5 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае 15 часа и 17 минути.
На екваторот, денот и ноќта ќе траат подеднакво по 12 часа. На северниот пол, пак, денот веќе трае непрекинато 6 месеци, а на јужниот пол со слично траење од 6 месеци е ноќта.
Летото ќе трае 93 дена и ќе заврши на 22 септември во 22 часот и 44 минути (по средноевропоско време кое е официјално и во Македонија), кога на северната полутопка ќе почне есента.
Веќе за првите денови на летото се најавуваат високи температури до 37 степени целзиусови, а прогнозите се дека оваа лето ќе биде доста топло, речиси како и минатото (2012). Почести заладувања ќе има во август, а доста високи температури во месец јули. Воедно, ни претстои доста сушен период до крајот на септември. Се ова е во согласност со досегашните сценарија и проценки за ефектот на климатските промени во овој дел на Европа.
Затоа планирајте каде и како ќе се разладувате, но воедно внимавајте на претераната изложеност на високите температури и УВ зрачење!
Извор: accuweather
Автор: д-р Ивица Милевски