Се разболе системот на Министерството за здравство? Рецепт неможеше да се напише ни за лек!
Матичните лекари денеска се соочија со хаос. Неможеа на своите пациенти да им пишуваат рецепти, ниту пак да им закажуваат прегледи кај специјалистите. Многу пациенти денеска останаа без потребната терапија оти се разболел компјутерскиот систем на Министерството за здравство.
Иако лекарите немаа никаква вина, пациентите им се лутеа, но и се караа со со нив.
Министерството наместо прво да го тестира системот со сите новини го стартувало и се направи вистински хаос. Лекарите бараат да се стопира овој циркус и реформата да почека додека целосно да се истестира системот за електронски рецепт и за закажување кај специјалистите.
Проблемот се јави бидејќи од денеска стартуваше електронскиот рецепт како дел од интегрираниот здравствен информатички систем. Матичниот лекар лекот треба да го препишува по електронски пат, а пациентот да го подигне во аптека.
„Министерството за здравство сака да ја извести јавноста во Република Македонија дека денеска успешно стартуваше системот „Национален систем за електронска евиденција во здравството“ и тоа во делот на електронско упатување со закажување и Е-рецепт.
Во текот на денешниот ден се забележани неколку маргинални проблеми со истиот, и за истите би сакале да им се извиниме на сите оние кои поради овие недостатоци имале непријатности во реализацијата на нивните потреби и истите ги реализирале со потешкотии или не успеале воопшто.
Министерството во соопштението покрај извинувањето нагласува дека ова е прв и единствен засега ваков огромен систем, кој се имплементирал во кој било здравствен систем воопшто. Денеска имавме максимален број на реализирани разменети податоци, над 1.500.000 податоци што претставува убедливо најголем број разменети податоци во единствен систем во историјата на Република Макоднија. Проблемите коишто беа детектирани најмногу се должат на неусогласеноста и неоптимизираноста на програмските пакети коишто ги користат лекарите од примарна здравствена заштита со софтверот на Министерството. Поради ова, денеска во 18 часот е свикан итен состанок со сите програмерски куќи со цел надминување на овие проблеми. Сакаме да потенцираме дека за време на тест периодот до денешниот ден системот функционираше беспрекорно, но за да можеме да ја имаме вистинската слика за потребите и успешноста на системот, мораше во реално време да се имплементира, при што целиот здравствен систем мораше да го користи истовремено.
А.Д