Блиските и пријателите му оддадоа почит на Беличанец!
Колеги, пријатели, познаници и поддржувачи на каузата за која се бореше борецот за човекови права и аналитичарот Роберто Беличанец, вечерва во клубот ГЕМ му оддадоа почит и се потсетија на неговите заложби. Беличанец ненадејно почина пред два дена во 41-та година од животот, пренесе Плусинфо.
Подобрувањето на медиумските состојби, слободата на говор, демократизацијата, одбраната на правата на ЛГБТ заедницата се само дел од темите за кои пишуваше и говореше Беличанец.
– Сигурна сум дека повеќе ќе сакаше да се одржи една неформална средба, моменти во кои ќе се подружиме и ќе се присетиме заеднички на моментите кога сме го запознале, кога сме дебатирале заеднички, кога сме се скарале со него. Сеќавањето за Роберто е секаде околу нас и во нас – беше речено денеска на заедничкото дружење во чест на Беличанец.
На средбата беа поделени маички со највпечатливата изјава на Беличанец – „Тишината не е решение“.