Уапсен е Паско Кузман, директорот на Управата за заштита на културно наследство
Според МВР, противзаконски издавал документација за полициска асистенција на два локалитета, Велешко езеро кај Катланово и Драмски рид кај Делчево како и налози за инспекциски надзор и зa ископување, пренесе Плусинфо.мк
– По претходно доставени барања од физички лица за изведување на земјени работи на споменатите локации, од Управата за заштита на културното наследство, биле издадени согласности (во ноември 2011 година), иако според Законот за заштита на културното наследство, Управата нема законска надлежност, ниту овластувања за нивно издавање, односно таа може да издаде само дозвола за археолошки истражувања, по претходно обезбедена соодветна документација. Исто така, во издадените согласности не биле наведени точните локации каде требало да се изведуваат ископувањата – координати, надморска височина, пристапи и слични податоци за општата идентификација на наоѓалиштето, катастарска општина (КО), катастарска парцела, катастарска површина, класа и намена на земјиштето, со што би можеле да ја користат согласноста и на други локалитети – рече Иво Котевски, портпарол на МВР.
Полицијата ги чешлала документите во Управата, но не пронашла записник за извршен инспекциски надзор на наведените локалитети или, пак, каква било фото или техничка документација која морала да се изготвува при вршење на инспекцискиот односно археолошкиот надзор.