В петок обвинение за случајот „Ликвидација“
Обвинителството за гонење на сторители од областа на организираниот криминал во Скопје, интензивно го пишува обвинението против осомничените во случајот „Ликвидација“ по што се очекува тоа да биде доставено до в петок во Кривичниот суд. Истрагата завршила на 15 овој месец, кога судијата ги доставил документите до обвинителката Лиле Стефанова.
Заедно со обвинението, „Дума“ дознава дека обвинителството ќе достави и предлог да им биде продолжен притворот на велешките судии, обвинители, адвокати и новинарот, до завршување на судењето.
Судијата Илија Танев, обвинителот Ивица Ефремов, екс судиите, сега адвокати Валентин Зафиров и Сашко Лазаров, екс врховниот судија Борис Николовски, новинарот Томислав Кежаровски, скопјанецот Јане Павловски – Тица се осомничени дека со откривање на идентитетот на заштитениот сведок но и со против законско посредување издејствувале ослободителна пресуда за двајцата обвинети, Ордан и Љубе Ѓорѓиевски, на кои им се судеше дека го извршиле нарачаното убиство врз старецот Лазо Милошевски од Ореше.
На 30-ти јули, в понеделник на притворените им истекува вториот месец откако се во притвор, па Кривичниот совет на скопскиот суд, за време на викендот или в понеделник се очекува да донесе одлука за продолжување на притворот, овој пат, по покренато обвинение.
Според закон, откако ќе се покрене обвинение, притворот може да се укине само по барање на обвинителот или доколку судот одлучи по службена должност, но не може да бараат укинување на притвор или замена за поблага мерка, обвинетите и нивните адвокати.
Во текот на денешниот ден, Вишото обвинителство во Скопје, до Апелацискиот суд достави мислење за жалбите што ги поднеле обвинетите во овој случај, на решението на судот да им го продолжи притворот до 30 јули.
Судот во Скопје утре или в четврток на не јавна седница треба да одлучи по овие жалби, кои ќе бидат беспредметни, бидејќи помина месецот определен со новото решение за притвор на кое се жалат. Поради административни процедури и доставување на предметот од еден до друг суд и до обвинителството, поминале повеќе од 20 дена.
Судењето се очекува да биде закажано за почетокот на септември. Во меѓувреме, скопскиот суд ја завршил постапката против братот на обвинителот, кај кого беше пронајдено оружје и тој веќе е осуден на затворска казна со неправосилна, првостепена пресуда.
Новинарот Томислав Кежаровски трет ден штрајкува со глад во Истражниот затвор. Новинарските асоцијации и синдикатот бараат негово итно ослободување од притвор.
Саше Димовски