Новинарот Кежаровски го прекина штрајкот со глад, неговите колегите во Македонија протестираа пред судот додека за него стигнува поддршка од странство
По тридневен штрајк со глад и поради влошена здравствена состојба новинарот Томислав Кежаровски одлучи да го прекине штрајкот.
По силните апели од колегите и неговата сопруга Марина Кежаровска, која беше многу загрижена за неговата психо-физичка состојба, Кежаровски реши да го прима затворскиот оброк.
Денеска Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и нејзиниот европски отсек, Европската федерација на новинари (EFJ), го осудија продолжувањето на притворот на македонскиот новинар. Реакцијата доаѓа откако судот вчера го продолжи времетраењето на притворот за новинарот за дополнителни 30 дена.
„Ние сме многу загрижени поради продолжувањето на притворот за нашиот колега Томислав Кежаровски и безрезервно ја осудуваме одлуката на судот во Македонија да го задржи дополнителни 30 денови“, изјави претседателот на IFJ Џим Бумелха.
„Држењето во притвор ги поткопува неговите права и слободи како новинар, но и го става под прашање почитувањето на правото на слобода на изразување и информирање воопшто во Македонија“, додаде тој.
„На скоро одржаниот Светски конгрес на IFJ во Даблин беше усвоена резолуција, која беше предложена од ССНМ и поддржана од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) како и други организации. Со резолуцијата им се дава целосна поддршка на Кежаровски и ССНМ во нивната борба за медиумска слобода“, рече Бумелха.
„Ние целосно безусловно го поддржуваме правото на Кежаровски да не го објавува својот извор на информации. На новинарите мора да им биде дозволено да спроведуваат новинарски истражувања за проблеми кои се од јавен интерес. Мора да можат да го прават тоа слободно, без закана од затвор или под притисок да го објават својот извор на информации“, изјави заменикот претседател на EFJ Надежда Ажгикина.
И Делегацијата на Европската унија испрати соопштение до иницијативниот одбор на укинување на мерката притвор на новинарот Томислав Кежаровски.
-Делегацијата на Европската унија одблиску го следи судскиот случај поврзан со притворањето на новинарот Томислав Кежаровски и одлуката на судот за повторно продолжување на притворот на новинарот за нови 30 дена, велат од Делегацијата.
-Сакаме да истакнеме дека легислативата на земјата налага мерката притвор да биде сведена на најкраткото нужно време и сите институции надлежни за спроведување на законот да дејствуваат итно да за да се забрзаат случаите во кои обвинетите се во притвор пред судењето. Европската делегација е загрижена за неодамнешните случувања, вклучувајќи ја и одлуката на новинарот Кежаровски да започне штрајк со глад, се вели во дописот.
Претходно, евроамбасадорот Авио Орав имаше средба со претставници од Иницијативниот одбор каде се разговараше за притворот на новинарот.