Пет децении од земјотресот во Скопје
Под мотото „Скопје се сеќава“ денеска главниот град на Македонија ќе ја одбележи 50-годишнината од земјотресот.
Во 10 часот ќе биде положено цвеќе пред споменикот на загинатите во Бутел, а до 17 часот ќе се одржи крводарителска акција во „Даре Џамбаз“. Во 19 часот Организацијата на жени во Музејот на град Скопје ќе одржи поетско читање „За Скопје со љубов“, а во 20 часот, во галеријата на МKЦ ќе биде поставена меѓународната патувачка изложба Show your hope. На платото пред МKЦ на отворено ќе се прикаже документарниот филм „Скопје 63“ на Вељко Булаиќ.
Во киното „Милениум“ почнувајќи од 11 часот ќе се одржи 24-часовен филмски маратон со бесплатни проекции на светски филмски хитови. Во 20 часот, во Музејот на град Скопје ќе се отвори изложбата „26 јули 1963 година“ и ќе им бидат доделени благодарници на земјите што учествувале во обновата на Скопје. Ќе присуствуваат градоначалници на повеќе балкански и други метрополи.
Централниот мултимедијален настан „Скопје се сеќава“ ќе почне во 21.30 часот на плоштадот Македонија со настапи на Македонската филхармонија и Македонската опера и балет. За крајот се подготвува изненадување.