Новинарите одговорија на Кривичниот суд
Доколку навистина со нашите јавни изречени ставови и со нашето уставно загарантирано право на протести, како што се наведува во соопштението на судот, „се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозуваат правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните“, тогаш како граѓани на Македонија сме длабоко загрижени за кревкоста на судскиот систем, стои во писмената реакција на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, по вчерашното остро соопштение на Кривичниот суд, за протестот на новинарите.
„Ако со свирчиња новинарите направиле упад во независноста на судот, тогаш што прават политичките елити и другите центри на моќ со нивните инструменти за притисок врз судството?! Не сакаме да веруваме дека судот намерно ја дезинформира јавноста кога во соопштението наведува дека со „постојаните притисоци на таканаречениот иницијативен одбор, обвинетиот новинар се става во привилегирана позиција во однос на преостанатите обвинети“, па дури дека и „на овој начин се злоупотребува позицијата новинар за да се прикаже во јавноста дека во Република Македонија се ускратуваат правата на слобода на изразување“.
За медиумите и новинарите, но пред сѐ, за целокупната јавност во Македонија, исклучително е важно судот да покаже дека го уважува, го признава и го поддржува слободното новинарство и го смета како нужна неопходност, која ги штити јавниот интерес, плурализмот и демократијата во нашата држава“, напиша во реакцијата Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски.