Денеска е верскиот празник Преображение Господово
Празникот Преображение Господово е еден од осумте најголеми Христови празници.
Откако бил крстен во реката Јордан, Исус отишол во пустина каде што 40 дена живеел во пост и молитви. Потоа почнал да го проповеда своето учење. Имал многу ученици, но од нив одбрал 12 што ги подготвувал да го шират неговото учење по светот. Ги нарекол апостоли што значи пратеници. Им раскажувал што ќе се случи во иднина, дека тој ќе биде фатен од противниците на неговото учење, дека ќе биде мачен и распнат и дека ќе умре и воскресне. Учениците не можеле да поверуваат синот Божји така да страда и да умре. За да не се разочараат и да не го напуштат учењето кога тоа ќе се случи Исус решил да им покаже како тоа ќе изгледа. Повел тројца апостоли Петар, Јаков и Јован да им го покаже чинот на воскресението. Зошто Исус не ги повел сите 12 апостоли да го видат тој чин? Веројатно затоа што Јуда не бил достоен за тоа, а да го изоставел само него тој ќе имал оправдание за предавството што подоцна се случило.
На овој празник според народното верување за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде свештеникот по молитвата го благословува. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје.