Отпуштени војници од АРМ бараат работа во бугарската армија
Амбасадата на Бугарија во Скопје, за Плусинфо, потврди дека веќе добила барање за средба од отпуштените професионални војници на АРМ, кои побарале да разговараат со бугарските дипломати за да се информираат дали може својот професонален ангажман да го продолжат во армијата на Бугарија.
Координаторот на групата отпуштени војници од АРМ, Илија Тодев, вели дека голем дел војниците се решени да заминат во бугарската армија, пред сè, поради егзистенцијални причини. Според него, ниту една од македонските институции засега не се обидела да најде решение за нивниот проблем.
– Во бугарската дипломатска мисија пристигна барање за средба со военото аташе на Бугарија. Но, нашиот дипломат е на летен одмор, па барателите ќе бидат известени дека средбата може да се реализира откако тој ќе се врати во Скопје – изјавија за Плусинфо од Амбасадата на Бугарија во Скопје.
Тодев за Плусинфо вели дека по пошта веќе испратил препорачано писмо со кое побарал прием во бугарската амбасада во Скопје.
Дел од отпуштените професионални војници велат дека со нивното заминување ќе ги отворат вратите и за другите колеги кои сега тајно заминуваат од АРМ во други земји. Отпуштените професионални војници се противат на некои од критиките од, како што велат „лажните патриоти“, дека не треба да бараат бугарско државјанство и упатуваат дека досега пред нив илјадници извадиле бугарски пасоши.