ЗНМ:Законот за медиуми да важи по влезот во ЕУ
Здружението на новинари на Македонија до Собранието доставило амандман кој се однесува на предлог-законот за медиуми со кој Здружението и предлага на Владата законот да стапи во сила по влезот на Македонија во Европската унија.
Амандманот содржи еден, член во кој стои: овој закон ќе се применува по приемот на Република Македонија во Европската унија.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани денеска порача дека пратениците имаат идеална шанса пред македонската јавност да ги решат сите дилеми дека носењето на законот нема за цел да ја ограничи слободата на изразувањето и слободата на медиумите.
„Владата тврди дека овој закон е според европските стандарди. Ако е така тогаш ние немаме ништо против законот да се примени кога ќе станеме членка на ЕУ. Ако било која власт низ пристапните преговори ја убеди Европската Комисија дека во земјата се почитува слободата на изразувањето и слободата на медиумите, тогаш нема да стравуваме дека примената на овој закон ќе може да се злоупотреби за замолчување на критичните гласови во медиумите“, рече Селмани.