Почна зимското сметање на времето
Со поместување на стрелката на часовникот за еден час наназад во 3 часот утринава почна зимското сметање на времето што ќе трае до последниот викенд на март.
Поместувањето на стрелките во западна Европа воведено е во почетокот на 70-тие години од минатиот век со образложение дека со тоа се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден го прави поефикасен.
Преминувањето на летно и зимско време првпат е забележано во 1916 година во земјите на северна Европа, а досега е воведено во околу 70 земји, главно на северната хемисфера.
Стрелките не се поместуваат секаде во светот во исто време. Така, САД и Канада во 2007 година воведоа зимското сметање на времето да почнува во првата недела во ноември и да завршува во втората недела во март. Во Европа, пак, зимското сметање навремето почнува во последната недела во октомври и трае до последниот викенд во март.
Поместувањето на времето во поголемиот дел случаи се извршува ноќта меѓу сабота и недела за да не предизвика поголеми проблеми за луѓето кои одат на работа.
Русија го укина зимското сметање на времето целосно во 2011 година, но годинава повторно се врати на него, додека Исланд е единствената европска земја која не воведе зимско и летно сметање на времето.
Сепак, некои астрономи се против поместувањето на стрелките и вештачкото „продолжување“ на денот, затоа што сметаат дека природата не треба да се „мачи“, па дури и ако се правда со економски пресметки.
