Брисел порачува дека ова лето сами треба да се снајдеме со мигрантите
Европската комисија (ЕК) подготвува посебна програма за Балканот и Турција со која треба да им се помогне на овие земја во мигрантската криза. Oвој пакет мерки финансиски тежи 8 милиони евра, но таа сума не е доволна да ја реши оваа криза. ЕУ исто така нема намера да ги прими кај себе мигрантите кои пристигнуваат во Македонија.
“Европската комисија ја финализира својата програма за менаџирање на мигрантската криза за Западниот Балкан и Турција кој изнесува 8 милиони евра и ќе почне да се спроведува во септември 2015 година. Комисијата размислува како да даде поддршка преку националните програми на ИПА која се фокусира на капацитетите на заинтересираните земји во областа на азилот, миграцијата и визната политика како и зајакнување на ранливите категории на мигранти и жртвите на шверцот со луѓе”, соопшти ЕК.
И додаде дека оваа помош ќе се фокусира на три области: “индентификација на мигрантите (отисоци на прсти), споделување на интрарегионални и интеррегионални информации и механизми кои ќе понудат решенија за враќање на мигрантите (во земјите од кои потекнуваат) и истовремена примена на практична заштита на специфичните потреби на мигрантите”.
Накусо, Македонија и другите земји од Балканот се оставени ова лето сами да се справуваат со оваа криза па дури потоа ќе може евентуално да се смета на европска помош. Од ЕК велат дека оваа сума од 8 милиони евра може и да се зголеми доколку се оцени дека тоа е потребно.
Според дипломатски извори, Македонија може да ја менаџира мигрантската криза во земјата онака како што таа смета дека треба. “ЕК не преговара членство со Македонија и поради тоа Комисијата не може да бара од земјата да ги спроведува европските правила. Македонија има свои закони, некои од нив можеби и не и се допаѓаат на ЕУ, но Брисел не може да ја критикува Македонија токму поради тоа што земјата не е членка и не е влезена во преговори за членство”.
Така, ЕК нема замерки на новиот предлог закон кој Собранието треба да го усвои иако во него се предвидуваат 72 часа во текот на кои мигрантот треба да побара статус на азилант. Но овие 72 часа мигрантите ги користат за да можат легално да поминат низ земјата и да продолжат кон Европа. Ист таков документ им издава и Србија. Европските закони не предвидуваат ваква 72 часовна привремена дозвола.
Во Србија ситуацијата е нешто поинаква токму поради тоа што преговорите за членство се започнати. Во моментов ЕК прави “скрининг” на законите од оваа област во Србија и ќе почнат преговори за поглавијата 23 и 24 кои ја покриваат областа на миграциите. “ЕК преговара со Србија и може од неа да бара да ги спроведува правилата на ЕУ”, вели нашиот дипломатски соговорник па се очекува дека од Србија ќе биде побарано да го смени законот со кој се даваат 72 часа за да се поднесе барање за азил.
ЕУ неодамна донесе пакет мерки за да се реши мигрантската криза. Но, во овој пакет Балканот е споменат со само една реченица која сега ЕК се обидува да ја пренесе во пракса со споменатата програма од 8 милиони евра.
Според Ив Паскуо од Европскиот центар за политика во Брисел, пакетот мерки за миграција на ЕУ е донесен пред се за да се олесни ситуацијата во Грција и Италија кои се под огромен притисок.
Според него, Македонија може мигрантите да ги враќа во Грција доколку тие од таа земја влегле кај нас:
“Но треба да се земе во предвид и следново: бидејќи Македонија е член на Советот на Европа и потписник на Европската конвенција за човекови права и поради тоа што условите за прифаќање на мигрантите во Грција не се оптимални, се смета дека секое враќање кон Грција може да се смета за нарушување на човековите права и поради тоа е подобро да не се враќаат во Грција”, вели тој. Сепак, тој додава дека Грција работи на подобрување на условите за сместување на мигрантите со европска помош.
Инаку, Италија, која е преплавена со мигранти кои доаѓаат преку Медитеранот, деновиве и се закани на ЕУ дека ќе им издаде дозволи за престој на сите мигранти доколку Европа сериозно не и помогне на Италија да се справи со мигрантскиот бран. Со оваа дозвола луѓето можат да патуваат низ цела Европа.
Извор:Novatv.mk