Вработувањето на хонорарци продолжува и покрај барањето на Брисел за мораториум
На 53 волонтери во Клиничката болница во Штип вчера министерот за здравство Никола Тодоров им додели решенијата за вработување на неопределено работно време, и покрај мораториумот кој го побара Брисел, преку последниот специјален Извештај изготвен од експертот Рајнхард Прибе.
Според проценката на министерот за здравство во Македонија има над 1.900 волонтери кои работат во здравствените установи повеќе години, некои дури и по 10 па и 15 години, а конкретно во Штип има и волонтер кој работи 19 години, на кој вчера му беше доделено решението.
Меѓутоа, во последниот специјален извештај од Брисел децидно се бара „да се воведе мораториум на имплементацијата на Законот за трансформација на привремените позиции во постојани договори додека принципот на заслуги не биде под целосна опсервација во процесот на трансформација“.
Молкот од Владата, за тоа дали ќе се почитуваат препораките од Брисел, очигледно го прекрши министерот за здравство, со тоа што ја заобиколи оваа обврска и вчера им додели решенија на хонорарците.
Инаку, трансформација на хонорарците и волонтерите во трајно вработени се утврди со Законот за трансформација на привремените позиции во постојани договори, кој започна да важи од февруари годинава.Со Законот се предвидува 3.000 хонорарци и волонтери да се стекнат со бенефиции кои ги носи вработувањето, како што се работен стаж и здравствено осигурување.
Во извештајот од ЕУ, пак, освен мораториумот за имплементација на овој Закон, а во однос на реформата на јавната администрација се бара и следново:
1. „Спроведување на ригорозно нова законска рамка, Закон за административни службеници и Закон за јавни службеници, со целосно почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност.
2. Политиките за вработување треба да ги следат принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност во јавната служба и преку отворена процедура и да нема натамошни вработувања кои не ги почитуваат правилата.
3. Обезбедување податоци за вкупниот број вработени во јавните служби во сите владини министерства, агенции и други органи, поделени по сектори“.
Извор: Капитал