Меркел доаѓа во Тирана, Белград и Сараево, но не и во Скопје
Со официјалната посета на Тирана, која се случува денеска, германската канцеларка Ангела Меркел ја почнува дводневната посета на Западен Балкан.
Според агендата, Меркел од Тирана ќе оди во Белград па во Сараево, но на нејзината агенда не се наоѓа Скопје.
Во овие три града, предвидено е таа да се сретне со премиерите на овие земји со кои, според најавите, ќе разговара за билатералните односи и енергетските прашања.
Во Сараево, пак, Меркел ќе ја посети и изложбата, посветена на масакрот во Сребреница во 1995 година, соопштуваат од нејзиниот кабинет.
Инаку, посетата на Меркел ќе биде втора на еден германски канцелар на Албанија по 1999 година, кога Тирана ја посети Герхард Шредер, 12 години по воспоставувањето дипломатски односи меѓу поранешна Западна Германија и Албанија. Во Белград пак, Меркел по прв пат беше пред неполни 4 години.
Во Македонија од независноста досега ниту еднаш во посета не дошол германски канцелар.
Извор: Капитал