Состојба на терен: Мигранти се повеќе, залихи се помалку
Се зголемува бројот на мигранти кои влегуваат во земјава или чекаат во меѓузоната на јужната граница. Од друга страна залихите постојано се намалуваат бидејќи најголемиот дел од нив се приватни донации-алармираат дел од невладините здруженија кои се на терен. За континуирано снабдување со намирници, хуманитарна помош и лекови е потребно вклучување на поголеми меѓународни фондации кои ќе обезбедат непречено и подолгорочно решение –вели за Фактор, Фејзула Арифи од Хуманитарната организација Ел Хилал.
Состојбата на терен според него е хаотична. Високите температури овој период дополнително ја усложнуваат и онака тешката состојба на мигрантите. Најосетливи вели се малите деца, повозрасните лица и инвалидите кои со денови неможат да се избањаат и да се одморат.
“Ние им помагаме со вода, храна, облека. На терен постојано се неколку хуманитарни организации, Црвениот крст и УНХЦР. Но сепак поради топлото време се потешко да се справиме со се поголемиот број на бегалци. Сега го користат јавниот превоз и најмногу со воз се упатуваат кон соседна Србија, а оттаму како знаат и умеат и како ќе се снајдат. Им се пружаат и основни здравствени услуги, но на жештиниве верувајте е тешко. Има многу дехидрирани и со кожни болести. Овде нема човек што не е разочаран и уморен. Секој е со своја судбина, но ниедна не е лесна и среќна. Ова велат им е втора шанса, а ние единствено што можеме да направиме е да им го олесниме патот” -додава Арифи.
Според него, потребно е итно формирање на повеќе прифатни центри преку кои ќе може да им се олесни времениот престој, вадењето на документацијата и транзитот низ земјава, бидејќи најголемиот дел од нив сакаат да заминат во некоја од западно европските земји.
“Ние сами тешко дека ќе се справиме со проблемот со мигрантите. Тоа како што реков го покажува и моменталната состојба, нивниот број не се намалува, туку напротив се зголемува. Мислам дека треба да се отворат повеќе центри преку кои ќе се работи со овие луѓе, побрза и полесна ќе биде процедурата и полесно ќе им помогнеме да си ја остварат целта. Има многу хумани граѓани кои се јавуваат доброволно да сместат некое семејство, мали дечиња, да им помогнат околу транспортот но сепак сеуште не се доволно информирани и сигурни дали и како може да го направат тоа. Потребна е и поголема информираност на домашното население како да помогне во надминување на оваа состојба бидејќи мислам дека ќе бидеме соочени со уште нови предизвици”-нагласува Арифи од хуманитарната организација Ел Хилал.
Унгарија станува сериозен проблем
Проблемот со мигрантите, додава не е само проблем на нашата земја, туку станува глобална потреба за итни мерки и решенија. Патот по кој поминуваат овие лица е тежок, особено за оние кои заминале без пари, без документи. Други пак вели, сеуште се соочуваат со грабежи и малтретирања, но од страв да не влетаат во уште потешки маки молчат за искушенијата пред кои се ставени. Притисокот на овие лица кои сакаат преку земјава да заминат во Западна Европа станува се поголем. Тие во импровизирани кампови чекаат да влезат во земјава, бидејќи од грчка страна, овие луѓе се пропуштаат без посебна контрола, а товарот да ги прифати останува на земјава.
“Нивниот број се зголемува, бегаат од своите матични земји бидејќи се отвораат нови воени жаришта и нивниот и животот на нивните семејства е постојано во опасност. По пат ги чекаат уште многу проблеми. Но ако зборуваме кај нас, ние се трудиме да им се помогне. Сепак немаме капацитет тоа да биде спроведено преку почитување на меѓународните права и конвенции. Тоа го покажа примерот со прифатнит центар во Скопје кој ја покажа нашата грда слика и неподготвеност да се справиме со проблемот. Условите се можеби полоши и од затворските. А што ќе правиме ако имаме нов уште поголем бран на мигранти?” -прашува Арифи.
Земјава, додава допрва ќе биде ставена пред нови проблеми доколку се спроведе новиот закон за зајакнување на регулативата за азилантите во Унгарија и идејата да се изгради гранична ограда која ќе ги задржи мигрантите надвор од нивната држава.
Арифи потенцира дека нивните задачи како хуманитарни организации се фокусирани на терен, каде е потребно брзо и навремено да им се помогне на бегалците. Дипломатијата и меѓународната заедница вели се тие кои треба да најдат трајно решение на овој глобален проблем, кој е последица на тоталитарните режими кои со децении се инсталирани во земјите од кои доаѓаат мигрантите. Македонија, според него, засега има проблем, како да го менаџира моменталниот и идниот поголем бран на мигранти кој според невладините допрва треба да дојде пред нашите порти.
Извор: Фактор