Студентите на Медицински факултет ја поддржаа кампањата против насилството врз жените
За среќа нема претепани студентки на Медицинскиот факултет. Напротив, и за среќа, секој ден непречено го прошируваме своето знаење, за подобро утре и насмеани пациенти. Но не заборавајте дека секоја петта жена покрај која ќе поминете е жртва на насилство, велат студентите од факултетот, кои се вклучија во Кампањата за борба против насилството врз жената, пишува Плусинфо.
Тие се приклучија на останатите организации во Македонија под мотото #СтавиТочка, како и #orangetheworld – кампања поттикната од Обединетите Нации.
Низ низа на креативни и впечатливи флаери со фотографии кои студентите денеска попладне ќе ги делат на плоштадот Македонија, пораката е јасна – решението на овој проблем зависи од секој од нас, од охрабрување и пријавување на надлежните органи и центрите за поддршка.
„Да бидеме гласни! Покажи им на жените дека не се сами – придружи се на борбата. #СтавиТочка на насилството, засекогаш!“, порачуваат студентите.