Информативно видео на македонски јазик за пријавување дискриминација врз основа на националност во Албанија
15.12.2020
Комесарот за заштита од дискриминација во Албанија објави видеозапис на македонски јазик, во кој се посочува каде и како може да се јави секој Македонец кој смета дека е дискриминиран врз основа на националност.
Текстот на македонски јазик го кажува младата Сабина Џелили од Елбасан, која потекнува од Голо Брдо. Таа е член на македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
Исто така, текстот е титлуван на македонски, а на објавата е преведен на албански и на англиски јазик.
-Јас сум Сабина Џелили, припадник на македонското малцинство. Нашето право да зборуваме на мајчин јазик и да ги почитуваме нашите традиции и обичаи е гарантирано со закон во Република Албанија. Доколку сметате дека сте жртва на дискриминација заснована на националност, упатете ја вашата жалба до Комесарот за заштита од дискриминација, вели Џелили.
Додава дека може да се јават на бесплатниот телефонски број 08 000 606, по електронска пошта [email protected] или пополнувајќи го образецот за жалба.
Вакви видеозаписи се подготвени на јазиците на малцинствата кои се признати во Албанија, а прво е објавено видеото на македонски јазик.