Хаос пред банките: Граѓаните и покрај студеното време во колони чекаат за да ја подигнат државната помош од 6.000 денари
24.12.2020
Социјалните мрежи денес се преплавени со фотографии на кои се гледаат редици и метеж пред банките од големиот број граѓани кои таму чекаат со часови за државната помош од 6.000 денари, која ја доделува власта за надминување на последиците од ковид кризата кај ранливите категории граѓани.
Голем број граѓани со блокирани сметки се жалат дека дел или сите 6.000 денари им се веќе одземени од страна на извршителите.
На ова, од Владата одговорија дека оние граѓани коишто се со блокирани сметки, согласно законот, се прераспределуваат во банка која има техничка можност да ги исплати средствата на засебна сметка.
„Ажурираната листа на корисници е објавена и поставени се сите категории на граѓани кои добиваат еднократна помош од 6.000 денари како мерка од 4-тиот пакет помош во време на пандемија со КОВИД-19. Во тек е процесот на обработка на приговорите“, соопштија денеска од Владата.
Граѓаните се упатуваат да ја проверуваат веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk на која се ажурираат податоците така како што пристигнуваат од институциите во зависност од категориите на граѓани за кои се надлежни.
Владата на Република Северна Македонија стори сé да ги ослободи граѓаните од административни процедури со цел средствата да стигнат до сите на кои им се потребни во најбрз можен рок, а средствата да може да се користат за она за што на граѓаните им се најпотребни.
Мите Јаначков