Денеска се празнува Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец
2.01.2020
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 декември. Денеска е Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец.
Овој свет маж е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог. Преданието уште вели дека е наречен Богоносец и зашто него го зел на раце воплотениот Бог Исус Христос. Во времето кога Господ ги учеше своите ученици на духовен живот според евангелските заповеди, зеде едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Оној којшто ќе се смири и ќе стане како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18, 4). Тоа дете беше Игнатиј. Подоцна Игнатиј му беше ученик на свети Јован Богослов, заедно со Поликарп, епископот Смирненски. Беше Антиохиски епископ и управуваше со Божјата Црква како добар пастир. Го воведе антифонскиот начин на пеење во Црквата, т.е. наизменично пеење на две певници. Овој начин на пеење му се откри на светиот Игнатиј преку ангелите на небесата. Кога царот Трајан минуваше низ Антиохија, одејќи во војна против Персијанците, дозна за Игнатиј, го повика кај себе и почна да го советува да им принесе жртва на идолите за да биде од него поставен за сенатор. Бидејќи советите и заканите на царот останаа залудни, свети Игнатиј го оковаа во железо и во придружба на десет најнемилосрдни војници го испратија во Рим, за да биде фрлен пред ѕверовите. Игнатиј му се радуваше на страдањето заради Господа и постојано Му се молеше на Бога ѕверовите да станат гроб за неговото тело и никој да не го попречи во таа смрт. По долго и тешко патување од Азија преку Тракија, Македонија и Епир, Игнатиј пристигна во Рим, каде што го фрлија пред лавовите во циркусот. Лавовите го растргнаа и го изедоа, оставија само неколку коски и срцето. Овој славен вљубеник во Господ Исус Христос пострада во 106 година во Рим, за време на христоборниот цар Трајан. Се има јавувано повеќепати, притекнувајќи им на помош на сите што го повикуваат со вера.
Денеска Именден празнуваат: Игнат, Иго, Игнатка…
Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец. Свети Игнатиј бил ученик на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов од кого бил поставен, за епископ на црквата во Антиохија со која раководел 40 години.
Кога бил дете Исус го кренал, (го зел во прегратка) и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно“. Поради тоа што Исус го носел во прегратка е наречен Богоносец.
Празникот Св. мч. Игнатиј Богоносец во народот познат како Св. Игнет, Игњат, Игнатов ден, итн. се нарекува и „Прв Божик“ зашто тогаш започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово ‒ БОЖИК. Празникот Игнат секогаш е пет дена пред Божик 2. 1. /20 XII и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.
Обичаите и верувањата што се изведуваат на празникот Игнат најповеќе се поврзани со почетокот на годината или со споменот на раѓањето на Исус Христос.
Така на пр. во Велес, како што запишал Д. Матов, на Игнат вареле пченица и царевка заедно за да се подигне бериќетот, а жените заработувале од секоја работа по малку, исто така за да им се подига работата.