Заев се надева на решение за бугарското вето пред јуни, Борисов сака разговори со разум, наместо со емоции
17.03.2021
Нови пораки за можноста за придвижување на односите меѓу Скопје и Софија, по бугарското вето за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера порача дека двете страни треба да се подготват за преговори засновани на разум, а не на емоции, бидејќи несогласувањата меѓу двете земји треба да се надминат во интерес на идните генерации. Премиерот Зоран Заев, пак, се согласи дека е многу важно каква историја денес испишуваме и што ќе им оставиме на младите и идните генерации и изрази надеж дека решение може да се најде пред јуни.
Борисов вчера имаше куса средба со шефот на дипломатијата Бујар Османи, додека и двајцата ги чекаа летовите на аеродромот во Софија, првиот за Виена, а вториот за Берн. Тој нагласи дека сите несогласувања меѓу Бугарија и Република Северна Македонија треба да бидат надминати, бидејќи, како што посочи, следните генерации нема да ни простат дека сме ја пропуштиле оваа голема можност.
Премиерот Заев вчера на прес-конференција во седиштето на владејачката партија ја поздрави пораката на Борисов и изрази задоволство од ваквиот, како што рече, чин на пријателство. Изрази уверување дека Борисов ќе биде еден од главните чинители за изнаоѓање решение меѓу двете земји ако биде избран за претседател на Владата во Бугарија.
Заев, кој вчера беше и во посета на Луксембург, каде меѓудругото лобираше за поддршка за формалното отворање на преговори со ЕУ и надминување на ветото на Бугарија во интервју за луксембуршкиот весник „Ворт” претходно напомена дека ветото на Бугарија за почетокот на преговорите во ЕУ беше неблагодарен гест, но дека неговата Влада е посветена на европеизација на земјата.
– Точно, неблагодарно е што нашиот сосед, Бугарија, стави ново вето за нас во декември 2020. Главната е цел да се решат историските разлики во интерпретациите помеѓу Скопје и Софија. Морам да кажам дека со вакво однесување ЕУ никогаш нема да постои, Европејците гледаа кон иднината, не минатото, истакна Заев во интервјуто.
Борисов на средбата со Османи истакна дека не смее да биде забавено интегрирањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и токму поради тоа е потребно надминување на несогласувањата меѓу Софија и Скопје.
– Значи, и вие и ние треба да се подготвиме за преговори за разум, а не за емоции, за да можат нашите соседи да бидат во Европската унија. Геостратешката цел на Бугарија е ова, прашањето е да се најде политичка волја, и ние и вие, нагласи Борисов на средбата.
Бугарскиот премиер додаде дека двете земји треба да чекорат по патот на дипломатијата и разбирањето.
