Заев -Тигањ: Почитувањето на македонскиот идентитет и јазик, еднаков со сите други, е европска вредност
16.04.2021
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ, која на средбата ја пренесе благодарноста на државниот врв и на народот на оваа земја за брзата помош и поддршка за граѓаните на Хрватска кои беа погодени од силниот земјотрес.
Амбасадорката Нивес Тигањ ги пренесе личните поздрави од премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ до премиерот Заев придружени со очекување за интензивирање и дополнително динамизирање на веќе одличната соработка помеѓу двете земји.
Премиерот Заев се заблагодари за поздравите на премиерот Пленковиќ, и изрази надеж дека наскоро ќе биде реализирана неговата посета на нашата земја која минатата година беше одложена поради ситуацијата со пандемијата, како и очекувањето што поскоро да има и заедничка седница на двете влади.
На средбата беше нагласено дека е заеднички интерес евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија во ЕУ да добие забрзана динамика уште за време на актуелното претседателство на Португалија за да се создадат услови за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
По однос на прашањето со Бугарија премиерот Заев истакна дека Северна Македонија останува посветена на дијалогот и дека со новата влада на Бугарија ќе биде постигната согласност за надминување на актуелната ситуација и за имплементацијата на Договорот за добрососедство и пријателство.
„Ги почитуваме сите различни европски идентитети и јазици, и подеднакво очекуваме да се почитува и нашиот македонски идентитет и македонски јазик. Тоа е европска вредност и од земјите членки на ЕУ бараме да опстанат на европските вредности”, рече на средбата премиерот Заев.
Амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ изрази огромно задоволство од можноста припадниците на хрватската заедница во Северна Македонија во пописот да го истакнат својот национален идентитет, како и задоволството од потпишувањето на договорот помеѓу Националната радиотелевизија на Северна Македонија и Хрватската телевизија за размена на програмски содржини.