Македонија пред екстремно ладен бран, снег, и температури до – 20°C
Објавено: 9 јануари, 2026, во 09:02 часот
„Поради продор на екстремно ладен бран кој полека ќе се спушта од север кон територијата на Македонија ќе дојде до формирање на секундарен циклонски систем над Југоисточна Европа и на големи влажни воздушни бранови кои во државата ќе условат да имаме врнежи од дожд и од снег на пониските места и само снег на повисоките населени места и на планините. Во почетокот поради присуство на потопол воздух во горниот слој и поладен воздух во долниот слој на Атмосферата во Македонија и тоа особено во западните предели ќе има услови и за појава на ледени врнежи. Апелирам возачите да бидат крајно внимателни поради можноста за појава на голомразица на патиштата.
Ќе дува засилен до повремено силен ветер од јужен и од југозападен а потоа и од северен правец кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 60 км/час.
Веќе од ноќта, сабота кон недела,во недела и во понеделник (11 и 12 јануари) врнежите ќе бидат само од снег со што ќе дојде до формирање на снежна покривка и во повеќе пониски населени места, градови. На планините и во Скијачките центри снежната покривка значително ќе се зголеми со нови, над 30/40 сантиметри снег.
Во Скопје и околината, со овој екстремно ладен и влажен бран од север, ќе има врнежи кои ќе преминуваат во снег особено во недела и во понеделник кога ќе има услови за фомирање на помала снежна покривка.Ќе дува повремно засилен до силен ветер од јужен а потоа од северен правец.
За време на овој голем влажен бран локално ќе наврне големо количество на воден талог и тоа особено во западна Македонија,локално над 50 литри на метар квадратен.
Температурите значително ќе се намалат. Во недела и во понеделник на повеќе места и преку ден ќе останат под нулата а наутро температурите на многу места ќе се спуштаат до околу и под -10 степени. Локално и под -15 степени. На планинските места температурата очекувам да се спушти дури до околу -20 степени,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


