Над 2600 граѓани аплицирале за ваучери за одмор, денес е последниот ден за јавниот повик

Досега над 2.600 лица аплицирале за издавање на потврда-ваучер за користење на средства за организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари, соопшти Министерството за економија.
Од таму исто така ги информираат граѓаните дека заклучно со денешниот ден 16 јуни се затвара јавниот повик.
„Оваа мерка е во рамки на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на потврди-ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања за да истите ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување лоцирани во туристичките центри во Република Северна Македонија кои претходно се пријавени во Министерство за економија.
Според јавниот повик оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари за вкупно 1.250 ваучери“, стои во соопштението на ресорното министерство.
Право на учество на јавниот повик имаат сите категоризирани угостителски објекти за сместување кои се лиценцирани и се во туристичките центри во Република Северна Македонија и туристичките агенции со А Лиценца.
За пријавување на интерес угостителските објекти за сместување и туристички агенции со лиценца А до Министерството за економија треба да достават пополнет образец за барање за пријавување на интерес.
