Одржана средба со координаторите на регионалните центри при ЗНМ
„Детектирање на предизвиците со кои се соочуваат новинарите од регионалните центри на ЗНМ и предлог решенија за справување со истите“ беше тeмата на која се дискутираше на денешната средба на координаторите и претставниците од регионалните центри на ЗНМ која се одржа во Скопје.
Тоа што беше заедничко во сите излагања на колегите бea условите за работа, решавање на статусот на дописниците на МРТВ, непостоење на дописници во одредени регионални центри, економскиот фактор, отворање на дописнички центри и регионални канцеларии на ЗНМ, намалената транспарентност на институциите со која се соочуваат новинарите и уште поголема проактивност на здружението во регионалните центри.
Сериозен проблем кој зема се поголем замав е затворањето на медиумите во останатите градови во земјата, намалениот интерес на младите за избор на новинарството како професија.
Формирање на фонд за медиумски новинарски продукти, како и финансирањето на медиумите беа теми на кои се разговараше, каде што уште еднаш се докажа дека локалните и регионални медиуми се соочуваат со големи финансиски проблеми, посебно во постпандемискиот период, при што беше истакната потребата за намалување на надоместокот за концесии и други давачки кои одредени медиуми ги плаќаат кон државата.
На средбата се дискутираше за изборното собрание на ЗНМ кое ни претстои, односно за можните кандидати во управните тела на ЗНМ, а беше акцентирана потребата за претставување на програмата на идните кандидати во секој регионален центар.
Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ во отворената дискусија заедно со колегите новинари разговараше за можните решенија на проблемите, како и фактот дека истите ќе бидат дел од новиот стратешки план кој треба да стапи на сила со избирање на новото раководство на ЗНМ.
Дума.мк