Партиите продолжуваат да бараат правна рамка за специјалниот обвинител
Надлежностите и законската рамка за работата на специјалниот јавен обвинител денеска пак ќе биде тема на преговорите на партиските групи кои работат на спроведувањето на договорот од Пржино за надминување на политичката криза во Македонија, пишува Плусинфо.
Според договорот од Пржино, надлежностите на специјалниот јавен обвинител ќе бидат аудиоснимките од прислушуваните материјали и случајот „Пуч“.
СДСМ на последниот состанок понуди предлог – закон за измени и дополнување на постоечкиот Закон за јавно обвинителство, со кои специјалниот обвинител ќе биде интегриран во системот, а сепак ќе има независност и самостојност во работата. Министерот за правда Аднан Јашари рече дека подобро е за специјалниот обвинител да има специјален закон, но засега во рамките на работната група не понудиле решение. ВМРО-ДПМНЕ се со став дека нема потреба да се прават законски измени, туку надлежностите на специјалниот обвинител треба да се уредат со подзаконски акти. Засега, според неофицијалните информации, нема никакво приближување на ставовите на партиите.
Рокот за избор на специјалниот обвинител е 15 септември.
Белгискиот експерт Питер Ванхојте кој присуствува на преговорите на работните групи по вчерашната петчасовна средба за избирните процеси изјави дека бил постигнат сериозен напредок за изборниот законик.
– Техничките детали треба да ги разработат техничарите, но за политичкиот договор сме многу блиску до солиден договор за сите проблеми – појасни Ванхојте.
Извор: Плусинфо