Помалку новозаболени со ковид-19, зголемен интерес за вакцинација
Бројот на новозаболени со Ковид-19 се намалува. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, кај граѓаните интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.
Во текот на вчерашниот ден почна вакцинација на лицата со ретки болести заведени во Националниот регистар за ретки болести. Вакцинацијата ќе се изведува во наредните неколку дена на вакциналните пунктови во А1 СЦ „Борис Трајковски” во Скопје.
-Се вакцинираат и родителите и старатели на малолетните лица од овој регистар кој има околу 60 различни дијагнози на ретки болести. Покрај овие лица ќе се вакцинираат и пациентите со цистична фиброза. Во оваа категорија ќе се вакцинираат и родителите и старателите на малолетните лица со Цистична фиброза, соопшти Министерството за здравство.
Неделава завршува и вакцинацијата на околу 2000 пациентите кои се на дијализа, чекаат орган на листите за трансплантација, имаат трансплантиран орган или и самите се донори.
Во вчерашното деноноќие има 46 новозаразени од направени 3073 тестирања. Регистрирани се 147 оздравени пациенти. Надлежните постојано апелираат граѓаните да се пријават и да се вакцинираат.