Пообилни врнежи, грмежи и можност за невреме во текот на денот
Објавено: 8 мај, 2026, во 09:09 часот
„Под влијание на влажна и на нестабилна воздушна маса од Медитеранот денеска, 8 мај, петок, во Македонија времето ќе биде облачно со врнежи од дожд кои повремено и локално ќе бидат пообилни. Очекувам да наврнат над 15 литри на метар квадратен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен и од југоисточен правец.
Локално пак ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи, силен ветер и со услови за појава на невреме проследено со електрични празнења и со услови за појава на град.
Во Скопје и околината исто така ќе биде облачно и врнежливо а во делови од котлината ќе има услови за нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер.

Што се однесува до температурите тие ќе бидат пониски и ќе се искачуваат во интервалот од 14 до 22 степени а во Скопје и околината максималната дневна температура ќе се искачи до околу 21 степен.
Да напоменам дека поради поизразеното јужно воздушно струење, од Сахара кон територијата на Македонија се врши транспорт на прашина и на песок па токму поради ова Атмосферата ќе биде заматена и нечиста а дождот кој го очекувам ќе биде валкан и помешан со Сахарската прашина и со песок,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Попоски.
Дума.мк



