Потпишан Протокол за соработка помеѓу МВР и ЈО за поефикасно водење на кривичните постапки
Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство ќе ги уредуваат клучните области на заедничкото постапување на двете институции. Во рамки на иницијатива на Здружението на јавните обвинители, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, министерот Оливер Спасовски и државниот обвинител Љубомир Јовески денеска го потпишаа Протоколот за соработка.
Граѓаните од нас очекуваат да соработуваме и да им испорачаме ефикасна правда. Само обединети на фронтот против сторителите на кривични дела можеме да постигнеме резултати со кои ќе ја вратиме довербата на јавноста во институциите на системот, вели Јовески.
Министерот Спасовски во своето обраќање посочи дека овој Протокол има за цел да им помогне поефикасно да ги водат кривичните постапки, имајќи ги предвид заштитата на правата на жртвите, осомничените и обвинетите, во согласност со националното законодавство и потпишаните меѓународни договори.
За подготовката на овој документ беше формирана работна група од претставници на Јавното обвинителство и на Министерството за внатрешни работи. Двете институции, во текот на овој процес, дополнително усогласија и дефинираа повеќе аспекти на меѓусебната координација во клучни области кои се одразуваат на ефикасноста во постапувањето, појасни претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели.
Според Килиан Вал, шефот на Мисијата на ОБСЕ не треба да се потценува важноста на овој Протокол, бидејќи ќе им помогне на полицијата и јавните обвинители успешно да идентификуваат, истражуваат и да гонат сторители.
Во текот на 2022 година, јавните обвинителства во државава примија нови кривични пријави против речиси 20.000 познати полнолетни сторители на кривични дела, како и против над 1.000 деца. Над 70 проценти од овие кривични пријави се поднесени токму од Министерството за внатрешни работи, што упатува на потребата од тесна соработка.
Дума.мк