Православен календар: Денеска се празнува Преподобна Параскева
Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите, девицата Петка, желна за подвижнички живот, го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господа.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белград постои вода (агијазма) на света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.
Дума.мк