Претседателот Пендаровски нема да има говор туку ќе се обрати со снимена видео порака од Крушево на Илинден
За прв пат годинава на прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево, претседателот на државата нема да има свое обраќање. Манифестацијата ќе започне во 18 часот, со настап на Никола Ристановски кој ќе го прочита Крушевскиот Манифест, по што ќе има точка Националниот ансамбал „Танец“, како и ансамблот на албански песни и игри, но и музичарот Влатко Стефановски.
Претседателот Стево Пендаровски, како што истакна на брифингот со новинарите, смета дека на народот му е доволно од говори во кои се повикува на единство, а наоколу се случува разединетост.
На одбележувањето во Крушево се поканети претставници на сите политички партии околу 21 на број, а досега учеството го потврдил само претседателот на ДУИ, Али Ахмети кој за прв пат би учествувал на илинденска прослава во Крушево. Претседателите на ВМРО ДПМНЕ на Левица и на Алијанса на Албанците биле и лично поканувани, брифира шефот на државата, но досега немало потврда за нивно присуство.
Сепак, тоа што претседателот нема да одржи традиционален говор, не значи дека нема да го честита празникот на граѓаните. За таа цел Пендаровски снимал аудио-визуелна порака во траење од 2 минути.
Една од причините зошто Претседателот Пендаровски се одлучил за вакво чествување на Илинден и во попладневните часови, е да имале можност и другите претставници на државно-владиниот врв да ја проследат свечената програма за Илинден.
Како дел од чествувањето ќе има полагање на цвеќе на гробот на револуционерот Никола Карев, по што ќе се посети Македониумот и месноста викана „Слива“.