Секоја компанија мора да има офицер за заштита на лични податоци
Според новиот закон за заштитата на личните податоци ќе биде на повисоко ниво од досега, со тоа што контролорот на податоците ќе мора да преземе соодветни активности за подобрување, надградба и приспособување на воспоставениот систем за заштита на личните податоци. Ова го предвидува новиот Закон за заштита на личните податоци, кој стапи на сила вчера, а е донесен во февруари годинава.
Секоја компанија, без разлика дали е мала, средна, голема или институција и организација, од вчера мора да имаат офицер за заштита на лични податоци.
Со примената на овој закон, се изврши усогласување со Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент за заштита на физички лица во поглед на обработката на лични податоци.
– Имајќи ги предвид новите предизвици во однос на основните човекови права и слободи што се појавуваат секојдневно, конкретно на правото на приватност и заштитата на личните податоци, а со цел што подобро да се адресираат предизвиците во областа на приватноста што произлегуваат од зголемената употреба на новите информациско/информатички технологии и глобализацијата во однос на обработката на личните податоци, во Македонија, почнувајќи од вчера, започнува со целосна примена новиот Закон за заштита на личните податоци. Тоа, од една страна, овозможува нормативно, а со започнувањето со примена и практично усогласување на македонското законодавство во областа на заштитата на човековите права со правото на Европската Унија во оваа област – наведуваат од Агенцијата за заштита на лични податоци.
Првите шест месеци од имплементацијата на новиот Законот за заштита на личните податоци ќе бидат искористени за едукација и корективни мерки.
На средбата на министерот за правда Бојан Маричиќ со засегнатите страни, односно претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија, Македонската банкарска асоцијација, претставник на Сојузот на Стопански комори, како и Агенцијата за заштита на личните податоци, по искажаната загриженост од страна на компаниите во однос на спроведување на новиот Закон, е појаснето дека во првите шест месеци од стапување на сила на истиот, Агенцијата за заштита на личните податоци на терен при своите суперевизии ќе делува едукативно, односно со корективни мерки.
Ова се прави со цел на компаниите да им помогне целосно да ги спроведат новите правила. Дополнително, ако супервизорот утврди прекршување на законот, ќе се даде определен рок во кој субјектот треба да ги отстрани неправилностите.
Агенцијата во заштита на личните податоци ќе подготви и спроведе обуки за компаниите. Дополнително, ќе се изработи и упатство за правилно спроведување на законот. Агенција ќе отвори и посебна линија за комуникација, која ќе ја користат сите засегнати страни со цел да добијат точни и навремени информации за обврските кои произлегуваат од новиот закон.
По барање на засегнатите страни, во идниот приод ќе се направат и компаративни анализи за висината на казните за прекршоците кои произлегуваат од новиот закон, а доколку се утврди реална потреба за нивно менување, повторно ќе се отвори дијалог.
Со ваквото појаснување се излегува во пресрет на барањата на компаниите, а преку новиот Закон ќе се гарантира заштита на личните податоци на граѓаните.