Реакции по изборите во Турција
Партијата на Ердоган ја прослави победата на парламентарните избори во Турција, но по повеќе од една деценија владејачката партија не го освои мнозинството во парламентот. Ваквиот резултат како што велат политичките аналитичари, особено утринските коментари по речиси сите преброени гласови е дека идејата на Реџеп Таип Ердоган за промена на претседателскиот систем во земјата целосно пропадна, јави Телма.
Поддржувачите на про-курдската Демократска партија на народите ги слават вчерашните изборни резултати во Турција со кои партијата успеа со 13,1 процент да обезбеди влез во Парламентот со околу 80 пратеници. „Ова е здружена победа на сите угнетени луѓе“, изјави лидерот на про-курдската партија Селахатин Демирташ.
Со губењето на мнозинството на Партијата на правдата и развојот, Ердоган нема да може да формира влада. Коалицијата ќе мора да ја состави со партиите на малцинствата. Со тоа, Ердоган нема да може да ги реализира намерите за уставни промени за зголемување на сопствената позиција.