Миграните се повлечени стотина метри но, протестот продолжува
Грција го расчисти просторот околу пругите, каде речиси три недели кампуваа таканаречените економски мигранти. Останаа само транспарентите обесени врз жичаната ограда, и шаторите каде ноќеваа стотиците мигранти за кои прво Словенија, а веднаш по неа и Србија, Хрватска и Македонија ги затворија границите, јави Телма.
Групите се повлечени на стотина метри од граничната линија, но нивниот протест продолжува. Гласно скандираат да им се дозволи транзит низ Македонија, но ја повикуваат и германската канцеларка Меркел да им помогне. Голем број од мигрантите уште вчера со автобуси се повлекоа кон бегалскиот камп во Атина, а со нив и повеќето активисти за човекови права кои изминатите денови ги поттикнуваа да останат се додека не се отворат границите.
Ситуацијата е мирна, бегалците од Сирија, Авганистан и Ирак без задржување поминуваат на македонска територија. Припадниците на Фронтекс не се забележуваат на границата. Според најавите, треба да пристигнат од грчка страна, но засега јужната граница е празна.
Минатата недела, Грција прифати Фронтекс да се вклучи во регистрацијата на мигрантите и бегалците. Околу 400 припадници ќе учествуваат во земањето отпечатоци на бегалците и мигрантите кои пристигаат на грчка територија.
Извор: Телма