Meркел со драматичен говор: Германија од среда влегува во целосен карантин
13.12.2020
Делумниот „локдаун“ во Германија со кој се затворија баровите, рестораните и теретаните и фитнес центрите, додека истовремено беа отворени продавниците и училиштата, не беше доволен, изјави денеска германската канцеларката Ангела Меркел, откако сојузните држави се согласија од среда да бидат воведени поостри мерки.
„Експоненцијалниот раст на случаите беше запрен накратко. Ние сме принудени да дејствуваме и дејствуваме сега“, рече Меркел по состанокот со лидерите во 16-те сојузни покраини.
Новите мерки, како што беше најавено, стапуваат на сила од среда – 16 декември и ќе траат до 10 јануари. Се затвораат училиштата, фризерските салони и продавниците, ќе работат само оние за суштински намирници.
Ќе работат и рестораните кои вршат достава на храна или служат храна за носење, но се забранува јадење во близина на ресторанот.
Верски служби ќе бидат можни само со строги ограничувања, а забранета ќе биде и консумација на алкохол во јавност.
Исто така, не се дозволуваат и огномети за Нова година.
Во построгиот „локдаун“, на Германците им се забрануваат и големи собири. Дозволено е собирање на најмногу пет лица од две домаќинства. Како што пишува „Дојче веле“, исклучок ќе биде само периодот за Божиќ, од 24 до 26 декември, но не и за Нова година. За Божиќ блиските членови на семејството ќе може да го поминат празникот заедно – едно домаќинство ќе може да покани на гости најмногу четири возрасни лица од други домаќинства, но само ако се од кругот на потесното семејство, плус децата под 15-годишна возраст.
Мите Јаначков