Вучиќ: Вакцинацијата против коронавирусот започнува утре, до крајот на јануари ќе се вакцинираат милион граѓани
23.12.2020
Вакцинацијата против корона започнува утре во домовите за стари лица, претпоставувам, тие се најзагрозената категорија, затоа започнуваме со нив – изјави денес претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и додаде дека вакцината е спас за човештвото.
Вакцините, се набавени билатерално, независно и Србија е веројатно единствената земја надвор од ЕУ, во овој дел, што успеа да набави вакцини.
– Почнуваме веднаш. АЛИМС доби примероци од други вакцини, тие ќе продолжат да си ја вршат својата работа, а потоа очекуваме поголеми количини. Вакцината е спас, вакцината го спаси човештвото, да немаше вакцини немаше ниту да се искоренат и некои други болести – посочи Вучиќ.
Тој нагласи дека потребно е што поголем број луѓе да бидат заштитени со вакцинација.
– Утре ќе започне во домовите за стари лица, бидејќи е важно да се заштитат овие луѓе. Кога ќе ги погледнете сите бројки и проценти, има и помлади луѓе кои долго чекале, особено мажи, но убедливо најголем број се оние над 80 години, кои починале. Тие се најзагрозени и затоа треба да започнеме со нив – рече Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека ќе се вакцинира и некој од врвот на државата, како сигнал дека вакцината е неопходна и добра.
– Дали Ана Брнабиќ, јас, Дарија Кисиќ … ќе видиме. Некој од нас ќе се вакцинира и со некоја од другите вакцини, да обезбедиме поддршка за секоја вакцина, да покажеме дека секоја е добра – рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија сè уште не може да се натпреварува со земјите од ЕУ, но потсети дека Србија даде два милиони евра како донација за програмата КОВАКС, за развој на вакцината.
Мите Јаначков