Тренчевска: Измените на колективниот договор се потпишани

На заедничката прес конференција со претставници од СОНК, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска информираше дека колективниот договор, кој меѓудругото значи и зголемување на правата на вработените во детските градинки е потпишан и се очекува да биде донесен до крајот на мај.
„На денешната средба со претставниците од Министерството за труд и социјална политика и претставниците на СОНК, се потпишани измените и дополнувањата на колективниот договор со којшто се регулира исплатата на плати и придонеси од плати за време на штрајк. До крај на мај ќе го донесеме новиот колективен договор којшто ќе значи дополнителни права на вработените во детските градинки“, рече Тренчевска.
Тренчевска по последната средба со Неделков на 17 мај, изјави дека ги приближуваат ставовите со СОНК и оти очекува до крајот на неделава да биде постигнат договор.
– Блиску сме до конечно решение. Се разговара за повеќе понудени предлог решенија и од МТСП и од страна на СОНК и дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот. Се надевам дека до крајот на неделава ќе имаме потпишано спогодби и конечно решение во однос на одлуката на штрајк во предучилишните установи. Тоа треба да биде во интерес и на МТСП и на СОНК односно вработените во градинките, а да е во согласност со законот, рече Тренчевска по средбата со Неделков.
И претседателот на СОНК изрази оптимизам дека е можно да се дојде до решение, но, потенцира, доколку тоа не се случи може да има последици на одлуката за прекин или продолжување на штрајкот.
-Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало се чини да биде сламка на сопнување, од аспект на тоа што има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата, рече Неделков.
