Владата денеска би требало да прогласи вонредна енергетска криза
Според најавите Владата денеска на седница треба да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор за да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании.
-Прогласувањето на енергетска кризна состојба не значи дека ќе има рестрикции на струја, такви мерки не се предвидени. Согласно сите податоци кои ги имаме во моментов нема проблем со снабдување на електрична енергија, кризата е поради големите ценовни шокови на берзите на струја, затоа ќе побараме од Владата на следната редовна седница да биде прогласена енергетска кризна состојба, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши
Според него кризната состојба во енергетскиот сектор ќе биде прогласена за да може како Влада директно да се вбризгаат средства од буџетот за ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност.
-За таа цел ја ги направивме и измените во Уредбата за прогласување на кризна состојба за да може да се префрлат средства за енергетските компании. Од Министерството за финансии се обезбедени околу 100 милиони евра за да може директно да се интервенира во овие две компании за да може МЕПСО да ги покрие долговите кои ги има, а ЕСМ да обезбеди јаглен за производство на електрична енергија, кажа министерот Бектеши.