Заев поднесе оставка, Мицкоски очекува предвремени парламентарни избори
Премиерот Зоран Заев си поднесе оставка од премиерската функција и од партиската позиција – претседател на СДСМ, по поразот во вториот круг на локалните избори. Претходно опозициските партии на локално ниво прогласија победи во мнозинството општини низ земјава каде што се гласаше во втор изборен круг. За поразот на локалните избори одговорноста ја презеде Заев кој на прес конференција изјави дека си поднесува оставка.
Тој најави дека ќе помогне да се реогранизира Владата но и окрупнување на парламентарното мнозинство. Засега останува правната дилема, дали остваката на мандатарот повелкува и оставка на комплетниот кабинет.
-За крај и во вакви околности останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов додека треба за да помогнам за да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено. Јас лично како човек сум дел од СДСМ и од прогресивниот народ и останувам во првите борбени редови како член на СДСМ и дел од нашиот прогресивен народ, рече Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прогласи убедлива победа во поголем број општини во земјата, почнувајќи од главниот град Скопје, каде победи независната кандидатка Данела Арсовска, поддржана од опозицијата. Тој најави дека промените почнуваат од вечерва, а ќе водат до ново парламентарно мнозинство и предвремени парламентарни избори. Мицкоски упати порака до лидерот на СДСМ, Зоран Заев да замине од политиката.
-Не треба тактизирање, треба да се донесат државнички одлуки и да се послуша волјата на народот. Ова е убедлива победа на опозицијата. Сакам да го замолам да размисли добро што ќе бидат следните чекори, да се надмине себеси и да ја разбере конечно пораката дека е доста и мора да замине. Нема веќе место за криминал. Не треба само Заев да си оди, туку и заевизмот и сето она што тој го претставува, порача Мицкоски од партиското седиште.
Според лидерот на опозицијата, власта е делегитимирана од а и таа реалност очекува во наредниот период да се рефлектира и во парламентот.
Мицкоски најави дека ќе бара предвремени парламентарни избори .
-Македонија е преважна за мали соништа. Стравот никогаш не ја гради иднината, но надежта – да. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените почнаа вечерва. Сите заедно за нова иднина, заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој 30 години сонуваме. Кажете им на сите дека ова е денот од кога почнуваат промените за имиџот на државата, за заштита на интересите на секој човек. Ова е убедлива победа, ова е победа на народот на Македонија, рече Мицкоски.