Десетгодишна Украинка користи Google Translate за да комуницира со новата пријателка од Полска(Видео)
Десетгодишната Јана Бајрабова и нејзините родители побегнале во Полска по почетокот на војната во Украина. Моментално, тие се во Варшава каде Јана почнала да оди на училиште. Малечкото девојче било одлично прифатено од новите соученици, а бргу се спријателила и со нејзината врсничка од Полска, Алицја Потерa. Со цел да се разберат, девојчињата комуницираат со помош на алатката Google Translate која преведува од украински на полски и обратно.
-Многу сум среќна што Јана ми е пријателка. Да ја нема неа, јас никогаш нема да се смеам толку и да бидам толку среќна. Комуницираме со помош на Google Translate. Јана е сѐ подобра во изучувањето на полскиот јазик, а јас ѝ ги поправам грешките“, раскажала Алицја за „BBC“.
И Алицја неколку пати го променила училиштето, па затоа ја разбира Јана и се обидува да ја опушти.
-Многу ја поддржувам и ѝ велам да не се грижи за тоа што се случува во Украина“, вели таа.
Покрај Јана, во истото училиште пристигнале уште 60 деца од Украина, а се очекува да пристигнат уште деца оттаму.