Книга за овој викенд: „Во потрага по Аљаска“ од Џон Грин
„Во потрага по Алјаска“ е една од најпопуларните книги на светски познатиот Џон Грин – авторот на „Светот не е фабрика за исполнување желби“, една од најпродаваните книги во Македонија во 2014 година. И заслужено, кој ја прочитал, знае зошто. Но да не навлегуваме овде за „Светот не е фабрика“, бидејќи за таа книга може да се зборува со денови. Ајде малку за „Во потрага по Алјаска“ чиј превод може да се најде низ книжарниците во Македонија.
Претходно Мајлс „Буце“ Халтер има крајно здодевен живот. Тој нема пријатели, неговите денови се празни, а единствена занимација што ја има му е опсесијата со последни зборови на познати луѓе.
Но, сето ова се менува кога заминува да учи во училиштето со интернат – Кулвер Крик. Неговиот живот станува тотална спротивност на здодевен и безбеден. А таму ја запознава и прекрасната, откачена Алјаска Јанг. Таа е паметна, убава, смешна и бескрајно фасцинантна – таа е девојката која го повлекува Буце во својот свет, а притоа го краде и неговото срце.
Потоа ништо никогаш повеќе нема да биде исто.
The Guardian вели: „Убавината на оваа книга лежи во тоа што таа не крие ништо. Ги прикажува младата љубов и растењето во реално, брутално и искрено светло. Можеби нема да наполните кофи со солзи како на крајот од Светот не е фабрика за исполнување желби, но ќе се приврзете за Мајлс и Алјаска, исто како што тие се приврзуваат еден за друг.“
И покрај тоа што коментарите на интернет покажуваат дека читателите речиси подеднакво ги сакаат двете книги, треба да се признае дека книгата „Светот не е фабрика за исполнување желби“ успева да расплаче повеќе од еднаш, додека пак читајќи ја „Во потрага по Алјаска“ ќе се натажите и замислите, но нема да заплачете.
Ликовите се интересни, богато опишани и добро изградени, со доблести и маани, баш како и реалниот човек. Крајот пак, за некого малку двосмислен и нејасен, за некого мистичен и интригантен, ќе ве остави во прашалници и со слобода сами да решите во што сакате да верувате..
Но, доволно беше, прочитајте, па одлучете сами.