(Видео) Израелски научници пронајдоа нов вид праисториски луѓе досега непознати за науката

Објавено на 28 јуни, 2021 во 14:50

Коски пронајдени во израелскиот каменолом припаѓаат на гранка од човечкото еволутивно дрво и се стари меѓу 120.000 и 140.000 години, објавија израелски научници.

Антрополозите од хебрејскиот универзитет во Ерусалим и Тел Авив со години анализирале фрагменти од череп, коски на долната вилица и  заби откриени во 2010 година во Нешер Рамла, југоисточно од Тел Авив.

Тие ги споредиле со стотици фосили ширум светот кои потекнуваат од различни периоди и откриле дека овие фрагменти веројатно припаѓаат на досега непозната група хоминини, која е тесно поврзана со неандерталците и има многу сличности со нив, како што е формата на долната вилица. Научниците го нарекоа овој нов подвид на хомининот „Нешер Рамла“.

Овој вид е многу различен од современиот човек.

„Нешер Рамла“ можеби живеел со хомо сапиенс повеќе од 100.000 години и веројатно се помешал со нашиот вид, велат научниците.

Овие рани луѓе, кои имале многу големи заби и немале брада, во анатомска смисла, можеби биле и предци на неандерталците, пишува „The Times of Israel“.

Долната вилица и дел од черепот биле анализирани на скенер.

-Морфологија на луѓето „Нешер Рамла“ дели одлики и со неандерталците, особено забите и вилицата и архаичниот Хомо, черепот. Во исто време, овој вид хомо е многу различен од современиот човек и има сосема поинаква структура на черепот, многу големи заби и нема брада – велат научниците.

Израелските антрополози сметаат дека видот „Нешер Рамла“ е првобитната „популација од која се развиле повеќето луѓе од средниот плеистоцен“ и дека се парел со хомо сапиенс, кој пристигнал во областа пред околу 200.000 години.

Ова ново истражување ги поддржува претходните студии кои покажаа дека хомо сапиенс и групи слични на неандерталците се преклопуваат на Блискиот исток за значителен временски период, веројатно неколку десетици илјади години.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.