Чај од маточина
Чај од маточина – чај против несоница и нарушувања при варењето на храната.Чајот од маточина има исклучително пријатен мирис на лимон и свеж, слабо остар вкус. Листот од маточина или пчелинок, како што уште ја нарекуваат, има седативно, противвоспалително и антивирусно дејство.
Се препорачува за подобар сон, за подобрување при варењето на храната, смирување на симптомите на мачнина и повраќање, стресни состојби, при главоболки, при настинки и при состојби на нервна напнатост.
Маточината е благ, добар и пријатен лек кој се користи при проблеми во системот на органите за варење (против надуеност на цревата, желудочни тегоби, гадење, повраќање и против дијареја).
Утринските мачнини кај многу трудници може значително да се намалат или да се проретчат доколку се употребува по една чаша свежо приготвен чај од маточина, два пати во текот на денот, наутро и навечер.
Како еднокомпонентен чај или во комбинација со горчливи чаеви (линцура, црвен кантарион, подабица или ајдучка трева), маточината се дава кај послабите и изнемоштени лица за подобрување на апетитот.
Поради присуството на танини во неговиот состав, овој чај со право може да се употребува против пролив, особено кај децата.
Се зема една супена лажица листови од маточина и се става во 2 дл вода да зоврие,врие 5 минути и се остава 15 минути да отстои.