Музички времеплов: Велешки музички легенди што ја создадоа поп – рок сцената во градот
Велес воопшто не заостануваше на музички план кога токму формирањето на славната англиска група „Битлси“ или нејзините хитови од времето на најплодниот период поттикнаа повеќемина млади македонски музичари да формираат свои групи. Првите поп групи што тогаш се појавија во Македонија беа „Бисери“ и „Безимени“ а по нивниот распад се формираше првата македонска супер група „ Бис Бес“. Велес беше веднаш зад Скопје по формирани рок и поп групи.
Со велешкиот истражувач Љупчо Данов и уште со неколкумина велешки љубители на музиката деновиве разговаравме на оваа тема. Го отворивме и бележникот на Данов и почнавме да пребројуваме. Потоа констатиравме дека имаме доволно материјал и одлучивме еден текст да им посветиме на велешките музички легенди, на музичарите и нивниот ентузијазам, на постигнатите успеси и на времето во кое Велес се забавуваше со музиката на градските поп и рок состави и групи.
Овој велешки музички времеплов започнува во 1964 година кога во средното хемиско училиште „Борис Кидрич“ се формира првата поп група „Изотопи“ . Неа ја сочинуваа : Митко Бегинов (тапани), Пепи (Петре) Коруновски ( соло гитара), Љупчо Босилков –Чаушот (бас гитара и вокал) , Венко Попов –Магарето ( ритам гитара) и Ѓоше Андреев (оргуља). Подоцна на местото на Ѓоше доаѓа Трајче Органџиев.
Нешто подоцна во велешката гимназија „Кочо Рацин“ се формирала и групата „Елиси“. Од генерацијата 64/65 година групата ја сочинуваа Ѓоре Цветков (гитара), Илија Жичкин (бас), Стево Неделков и Бранко Пласкиев ( тапани), Тоше Сиваков (ударалки), Машето (ритам), Слободан Цоло Јосифовски ( вокал) а потоа и Никола Нацев – Пишијата и Трајче Ковачев – Зебец.
Во исто време се формира и трета музичка група во градот. Тоа е групата „ Лебеди “ со прва постава во која биле Трајче Арсов-Заекот ( тапани,вокал и менаџер),Боро Лепи (бас), Љубомир Димов –Малиот (соло гитара),Синавер (вокал). Потоа, од веќе формираната четврта група „Биланси“, во „Лебеди“ доаѓаат Тоше Панов (оргуља) и Трајче Димов Саксот ( саксафон и кларинет). Поточно „Биланси“ во 1965/6 година ја формирале Тоше Панов Локумот (ритам),Тоше Соколов (соло), Боро Алчев (бас), Кире Масинов (вокал), Ѓоре Минов (оргуља) Драган Жежев ( вокал), Борис Додов (тапани).
Кога „Биланси“ престанала да музицира се создала групата „Вис Скандал“. Но, доаѓа време во кое „Изотоп“ и „Елиси“ се расформираат и се формира нова група со име „Фаворити“ која свири во средното училиште „Коле Неделковски“. Членови на групата се: Трајко Леов ( гитара), Димац ( тапани), Миле Наумот (бас) и Тоше Цветков (гитара). Исто така значајно е да споменеме дека во 1969 година е формирана уште една група чие име е „Кентаури“ од Ѓоре Цветков (соло), Тоше Цветков ( ритам), Миле Наумот (бас), Боро (тапани).
Група „Триумфи“ пред настап во 1972 година
Сепак на музички план за градот е особено значајно што во 1965 година се формира групата „Триумфи“ поточно првата супер велешка група која стана синоним за поп-рок музиката. Оваа група е формирана и свирела во ОУ „Трајко Андреев“ од нејзините членови Данчо Ефремов ( тапани), Стојан Карбев ( бас), Боре Карбев ( соло гитара), Архо Софијанов (ритам), Тоше Крбев ( вокал) кого го заменил Миле Тодоров –Дучето. Потоа се направени персонални промени и басистот Архо Софијанов го заменил Стојан додека вокалист станува Крсто Гочев –Коњот. Во „Триумфи“ музицира и Ѓоше Андреев (оргуљи) кој доаѓа од групата „Изотопи“ а подоцна него го заменува Димче Јанев – Зимпето.
Почетокот на „Триумфи“ е навистина триумфален бидејќи по само четири години поточно во 1969 година на Гитаријада во Скопје го освојува третото место и е победник на Гитаријадата во Гевгелија.
Ваквиот музички подем бил особено почитуван и пресуден Велес, две години подоцна, да стане домаќин на првиот македонски Поп Фестивал што го организира Панче Ќурчиев – Пампик , во соработка со музичкото училиште „Киро Димов“ , Киното „11-ти Октомври“, хотелот „Македонија“ и Радио Велес. Водител на фестивалот е Кире Василев, музички уредник во радиото како и водител на многу популарната радио-емисија „Мини Тип-Топ“. Во организацијата на фестивалот максимално се вложуваат и Буба Прличева –Мијакова , спикер на тогашното Радио Велес , директор на киното 11-ти Октомвери, Ристо Шескокалов како и градскиот фотограф и хроничар Боре Левков. Токму Левков денеска ја отвори личната архива и ги отстапи фотографиите што ги објавуваме и на кои е овековен, во тоа време, значајниот музички градски настан.
На Поп фестивалот учествуваат групите: „Офери“ од Штип ,„ Младост“ од Кавадарци, „3+2“ од Куманово, „Ѕвезди“ од Гостивар, „Фем“ од Неготино, „Струма“ од Струмица, „Шоу група“ од Тетово , „Бизони“ и „Пацифисти“ од Скопје и домаќините од Велес, групите „Триумфи“, „Лебеди“ и „Кентаури“ .
Група „Триумфи“ настапува во 1974 година
Победник на првиот Поп фестивал во Македонија е групата „Триумфи“ , второто место го освои скопската група „ Бизон“ а на третото место е исто така велешка група, „Лебеди“.
Ова златно време на музичката поп – рок експанзија на Велес поттикна и многу талентирани млади луѓе да ги покажат своите гласовни квалитети. Вокалисти имаше многу но вокалистка со квалитетен глас беше една. Девојката која до ден денешен важи за велешка ѕвезда и која докажа дека талентот може да го воздигне секого,само ако се има желба и воља за работа, е Марина Чурувија сега Димова. Во музичкиот времеплов таа е несомнено првата дама на велешката поп сцена.
Марина започна да пее случајно,како ученичка на игранка. Тогаш нејзините врсници за прв пат го слушнаа нејзиниот глас. Станува збор за седумдесеттите години на минатиот век. Марина во 1971 година се пријави на градската манифестација „Златен глас“, организирана по повод „9-ти Ноември„ – денот на ослободувањето на градот . Манифестацијата се одржа во киното „11-ти Октомври“ . Марина Чурувија убедливо победи со гласовите на публиката. Една година подоцна таа е веќе победник на Аматерскиот фестивал во Скопје и веќе македонски представник на „Младинскиот музички фестивал“ во Суботица што се одржа во 1973 година. На овој Младински фестивал, многу престижен во тогашна Југославија, пееја скоро сите таленти и подоцнежни ѕвезди на југословенската естрада. Тогаш Марина настапи со песната „Живеам за еден ден“ и победи во финалето во кое зад себе го остави и Бора Ѓорѓевиќ ,идниот фронтмен на групата „Рибља Чорба“.
Вокалистката Марина Чурувија остана запаметена како прв вокал на Југославија во 1973 година. Подоцна таа стана член на групата „Лебеди“ која своите најдобри успеси ги постигна на Гитаријадите во 1966 година и тоа освојувајќи прво место во Гевгелија и во Куманово и бторо место во Богданци.
Велешките групи „Триумфи“ и „Лебеди“ на заедничка фотографија
Заблагодарувајќи му се на фотографот Боре Левков чии фотографии користиме за објава на овој текст би сакале да ги поттикнеме музичките ѕвезди за кои пишуваме со нас да споделат свои лични фотографии што ќе ги користиме при пишување во наредни новинарски жанрови.
Љупчо Данов
Стоилко Андреевски