Нова премиера на Младинското драмско студио „Словото“ во Велес -Претставата „Нонча Камишова – нејзината борба“ (ФОТО)
Шеснаесетгодишната Магдалена Арсовска, ученичка во гимназијата „Кочо Рацин“ го толкува ликот на борецот Нонча Камишова во истоимената аматерската претстава на младинското драмско студио „Словото“ од Велес. Таа има само три години помалку од возраста на која загинала хероината на народно ослободителната борба на македонскиот народ и вели дека сериозно пристапила во подготовката на ликот што инаку за Арсова преставува голем предизвик.
– Задачата со себе носеше големи предизвици и одговорност. Сакав на што подобар и на мој начин да ја оживеам Нонча. Во тоа ми помогнаа актерката и режисерка Весна Димитрова Бобевски и мојата мајка, која по професија е историчар и на многу едноставен начин ми ги доближи идеалите на младите луѓе кои биле собеседници на Нонча. Јас учествував и во театарската претстава посветена на ликот и делото на Ганчо Хаџи Панзов и знаев за какви идеали станува збор, ако не исти тогаш слични, да ја ослободат Македонија и ние денеска да бидеме Македонци, рече Арсовска.
Нејзиниот врсник Андријан Ѓоргиев од средното економско училиште „Јовче Тесличков“ го толкува ликот на бугарскиот поручник Христо Бурев во претставата „Нонча Камишова – нејзината борба“. Тоа е негативен лик и Андријан вели дека сам го избрал.
– Тој е насилник кој ги убива Нонча и останатте партизани. Да не должам многу и да ги поканам сите мои врсници, учениците и секако заинтересираните граѓани да дојдат и да ја проследат претставата. Особено учениците кои ќе имаат можност да се запознаат со дел од историјата на нашиот град, рече Ѓоргиев.
Иако толкува споредна улога, ликот на борецот Стојан Стојчевски Буридан, осумнаесетгодишниот Никола Велев вели дека дал се од себе за да го одглуми многу храбар лик.
– Интересна е една сцена во претставата што покрај храброста ја симболизира смиреноста на Буридан кој иако очекувал напад од фашистичките бугарски војници свирел на усна хармоника. Тој одбрал да биде партизан и штета е што загинал бидејќи бил личност кој во себе имал голем потенцијал. Додека не се запознав со големината на овој млад човек, борец, јас не ја знаев неговата вредност а верувам и многу други млади луѓе од нашиот град. Сите ние на часовите по историја слушавме за организацијата СКОЈ а не се интересиравме многу за неа што секако е наш пропуст, рече Велев.
Претставата на Младинското драмско студио „Словото“ премиерно ќе биде прикажана во вторник на 30 и во среда на 31 мај, со почеток во 19 часот, во салата „Бели мугри“ во Велес.
Автор на сценариото е велешкиот истражувач Љупчо Данов.
– Голем дел од сценариото го темелам на исказите во интервјуто на мајката на Нонча Камишова објавено, пред многу години, во фабричкиот весник на свиларскиот комбинат. Тоа интервју со мајката на Нонча го направила Катица Чадиева тогашен новинар во редакцијата на весникот. Ме воодушеви овој храбар лик на младата СКОЈ-евка нејзиниот порив, ентузијазам, посветеност кон идеалите, желбата за слобода. Вреди за нив да се зборува, да се пренесуваат на младите луѓе, рече Данов.
Режисерката Весна Димитрова-Бобевски истакна дека оваа не е обична претстава, тука час по историја со мисија за едукација на младите генерации.
-.Да дознаат каква силна личност била Марија – Нонча која толку и верувала на организацијата и кој бил тој нејзин дух и интелект, иако имала само четиригодишно образование, свесно да влезе во тешка борба, а за своите идеали да ја жртвува својата младост и својот млад живот, за слободата на својата земја, рече Димитрова-Бобевски.
Нонча Камишова како борец на велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ загинала во борба со бугарскиот фашистички окупатор на 6 јануари 1943 година на само 19 години во месноста Речани кај Велес, заедно со своите четворица соборци.
Претставта ја помогнаа Градската библиотека „Гоце Делчев“ и Советот на млади на општина Велес./У.Ј